Утрински / 06.09.2005
Голем концерт на Проески во Скопје
Долгонајавуваниот концерт на мегапопуларниот Тоше Проески, конечно, закажан е и ќе се одржи на 28 септември на Градски стадион во Скопје - ова е информација од прва рака што доаѓа од менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ. Концертниот спектакл на Проески ќе обедини повеќе музичари, меѓу кои доминантна ќе биде Македонската филхармонија, во чија придружба Тоше ќе го изведе својот репертоар и ќе го промовира последниот, петти албум ,,По тебееи. Агендата на Тоше деновиве е навистина набиена. Проески вчеравечер го промовираше албумот во Загреб, Хрватска, а вечерва е на средба со седмата сила во Љубљана, Словенија. Веднаш по прес-конференцијата во Љубљана, на 8 септември Тоше ќе патува на концерт во Москва, Русија, а на 14 септември ќе го промовира албумот во Албанија. По концертот на Градски стадион (28 септември), Проески, заедно со својот придружен бенд, ќе патува кај нашите иселеници во Торонто, Канада, каде што на 2 октомври ќе настапи во еден од најпознатите ноќни клубови "Гувернмент Коол Хаусси. (К.Ш.)