Дневник / 27.10.2004
ПРОМОЦИЈА НА АЛБУМОТ "ДЕН ЗА НАС" ВО СЛОВЕНИЈА
Нашата мега-ѕвезда Тоше Проески во минатата недела во просториите на угледниот ноќен клуб "Салон" во Љубљана, во организација на издавачката куќа "Далас-рекордс", го промовира новиот албум "Ден за нас", наменет за словенечкиот пазар. Според информациите од "Фајнал кат продукција", на промоцијата присуствувале новинари и телевизиски екипи од над 20 новинарски куќи од Словенија, што е невообичаено за вакви промоции. Присуствувале и голем број личности од јавниот и културниот живот на Словенија, меѓу кои и амбасадорот на Република Македонија во Љубљана, Илјаз Сабриу. Тоше, преку одличната интерпретација на неколку нумери од новиот албум, на евровизискиот хит и на македонската народна песна "Зајди, зајди", на најдобар можен начин се претставил пред многубројната словенечка публика, предизвикувајќи бурни реакции. Во таа пригода екслузивно бил промовиран видеозаписот на песната "Крајно време", што Тоше ја исполнува во дует со словенечката звезда Ања Рупел. (М.А.)