Дневник / 24.07.2004
ГОСТУВАЊЕ
Мегаѕвездата Тоше Проески во минатата недела беше специјален гостин на хуманитарниот концерт на хрватскиот пејач, Тони Цетински, кој се одржа на тенискиот терен на комплексот "Стела марис" во Умаг, Хрватска. На музичкиот спектакл "Тони и пријателите", кој е дел од хуманитарната акција "Најдоброто од нас", и од кој помош ќе добијат семејствата што имаат повеќе деца, Тоше во дует со Тони Цетински ја испеа песната "Морски вук". Тоше и неговата менаџерка Љиљана Петровиќ биле пријатно изненадени од приемот на публиката, која буквално "полудела" по Тоше. - Навистина не очекувавме дека публиката така ќе реагира на настапот на Тоше. По изведбата на нумерата голем број од обожавателките бараа да се фотографираат со Тоше, кој даде многу автограми и интервјуа за хрватските медиуми. Во Умаг отидовме на специјална покана на Тони Цетински и многу убаво си поминавме - вели Петровиќ. Освен Тоше, како специјални гости настапиле и Нина Бадриќ, Џулијано, групата "Дивас". Следниот ден Тоше добил позитивни критики и од неколку хрватски медиуми, кои признале дека ваков глас нема на хрватската музичка сцена. Два дена по настапот во Хрватска Тоше пеел на ревијалниот дел на фестивал во Порторож, Словенија. Новиот албум "Ден за нас" на Тоше наскоро ќе се најде и на пазарот во Хрватска и во Србија и Црна Гора, а на 3 август Тоше го очекува и големиот промотивен концерт во Охрид. (М.А.)