А1 / 15.02.2004
Песната „Ангел си ти“, композиција и аранжман на Јован Јованов по текст на Илија Николовски, ќе ја претставува Република Македонија на годинашниот Евросонг во Истанбул. Победничката композиција на синоќешниот национален избор на Песна за Евровизија освои најмногу поени собрани од телефонското гласање и од жирито, а за неа својот глас го даде и Тоше Проески како исполнител на сите осум нумери што беа во конкуренција. Во состав на 11-членото жири беа: Срѓан Керим, Есма Реџепова, Александар Џамбазов, Љупчо Бубо Каров, Аритон Крлиу, Дарио, Искра Трпева, Александар Масевски, Оливер Белопета, Сашо Чолаковски и Иван С. Мирчевски. Фаворит на вечерта беше и песната „Далеку од мене“ која се пласира на второ место. Програмата на изборот беше пополнета со настап на групата Синтезис и со ретроспектива на досегашните три учества на Република Македонија на Евросонг - Бирмингем 1998, Стокхолм 2000 и Талин 2002 година.