А1 / 16.04.2003
Промоцијата на последниот албум на македонската поп ѕвезда Тоше Проески, „Ако ме погледнеш во очи“, во Софија предизвика огромен интерес кај бугарската јавност. Претходно Тоше го освои првото место на „Беовизија“ и добил понуда да ја претставува Србија и Црна Гора следната година на Евровизија. За неговата популарност во Македонија не станува збор.
А1 : Најновиот албум на Тоше Проески се промовираше и на бугарскиот пазар. Како се чувствуваш?
Тоше Проески : Ова беше промоција проследена со доволен број на гости. Мојата издавачка куќа е „БМК“, дефинитивно најпопуларната музичка куќа во Бугарија. Многу ми е драго, бевме сместени во хотелот „Хилтон“ и се беше во најдобар ред.
А1 : Што очекуваш од промовирањето на твојот албум и воопшто на македонската музика на бугарскиот пазар?
Тоше Проески : Со оглед на тоа каква беше промоцијата и како бев пречекан, не се сомневам дека понатаму организацијата ќе биде во најдобар ред. Како што ветија луѓето од Бугарија, ќе сторат се` за мојата популарност да биде голема и таму.
А1 : Кажи ни нешто повеќе околу твојата убедлива победа на „Беовизија“ во Белград?
Тоше Проески : Искрено сум изненаден. Ова беше прва „Беовизија“ по 10 години. Извесно време не се организираше фестивал за „Евровизија“ во Србија и Црна Гора и многу ми е драго што сум победник на токму првиот фестивал. Нема да се оди на „Евровизија“. Многу луѓе разбрале погрешно, но добив лиценца да ја претставувам Србија и Црна Гора на Евровизија, се разбира доколку сакам.
А1 : Кога ја доби наградата на „Беовизија“ изјави дека сеедно дали ќе ја претставуваш Македонија или Србија и Црна Гора сепак би одел на Изборот на Евровизија. Некој оваа изјава може да ја протолкува дека Тоше не е доволен патриот?
Тоше Проески : Бев свесен дека оваа година Србија и Црна Гора не одат на Евровизија. Доколку се одеше сигурно немаше да настапувам на „Беовизија“. Следната година ќе настапам првенствено за Македонија, доколку ми се укаже шанса да ја претставувам.
А1 : Имаш нов стил, нов менаџер, а сега и нови композитори. Дали мислиш дека ќе те повлече „шоу бизнисот“ кон целосна комерцализација на песните и ќе го наруши досегашниот имиџ на Тоше Проески кој имаше одлични песни каде можат да дојдат до израз твоите гласовни способности?
Тоше Проески : Песната е многу убава и гласовните можности доаѓаат до израз и тука. Пробав да се прилагодам на српскиот пазар. Јас сум Тоше и продолжувам во мојот стил. Со оглед на тоа, во скоро време снимам и албум на англиски јазик.
А1 : Тоше Проески никако да го видиме на фотографија со некоја девојка. Дали тоа значи дека гради имиџ на недопирлива ѕвезда или на „мачо“?
Тоше Проески : Нема зошто да градам таков став, посебно во Македонија. Македонија е мала земја и сите се знаат меѓу себе.
А1 : Дали Тоше има девојка?
Тоше Проески : Немам, иако имаше многу афери во последно време.