Дневник / 15.02.2002
ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ "ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА"
Група на годината е "Синтезис", кампања на годината е таа на "Мобимак", емисијата "Вртелешка", а за животно дело наградени се Есма Реџепова и Зафир Хаџиманов Петтото јубилејно издание на манифестацијата "Златна бубамара на популарноста", кое се одржа завчера во Универзалната сала, понуди тричасовна програма исполнета со многу музика и интересни скечеви. За доброто расположение на гостите се погрижи стандардниот церемонијал-мајстор на оваа манифестација, Тони Михајловски, кој ги насмеа гостите до солзи. "Златната бубамара" за актер и актерка во изминатата година им припадна на Владо Јовановски и Тања Кочовска, а најдобра претстава е "Диво месо". Откритие на годината е групата "Багаж". Кампањата на "Мобимак" е прогласена за најдобра, а "Идеа плус ДДБ" за најдобра рекламна агенција. Епитетот најдобар радиоводител го доби Соња Пандиловска од "Антена 5", а најдобра радиореклама е "Окта" на Александар Митевски. "Златните бубамари" слетаа и во рацете на Бранко Илиевски од ТВ "Телма", за најдобар ТВ-коментатор, на Томи Стефановски, за најдобар спортист, Сашка Димитровска за најфотогенично лице и на "Суперхикс", за спотот "Раде". Дарко Марковиќ освои две "бубамари", за карикатурист на годината и за најдобар анимиран филм. За најпопуларни уредници-презентери беа прогласени Биљана Секуловска од телевизија "А1" и Драган Павловиќ-Латас од "Сител", а најпопуларен ТВ-репортер е Снежана Лупевска од А1. Групата "Нон-стоп" е прогласена за најперспективна група на годината, а пејач на годината е Тоше Проески, кој ја освои наградата и за најдобар концерт. "К-15" е избрана за најпопуларна хумористична серија, а спотот за "Комерцијална банка", кој го изработи екипата на "К-15", е избран за најдобар во минатата година. ш "Златна бубамара" за најчитана страница освои Трендо за "ТВ-сеирџија", страница во петочниот прилог на "Дневник", "Антена". Наградата за продуцент ја доби Дарко Димитров, а во категориите хит на годината, албум, пејачка и текстописец победи Калиопи. Група на годината е "Синтезис". Најпопуларно ТВ-шоу е "Вртелешка" (А1), а Весна Петрушевска - најдобра водителка. Награда освои и емисијата "Пет шоу" на Сител на Мелита Ракиќевиќ. Наградите за животно дело им припаднаа на Зафир Хаџиманов и на Есма Реџепова. Во музичкиот дел со свои композиции се претставија Сашо, "Багаж", Александар Митевски, "Суперхикс", "Нон-стоп", Тоше Проевски, Калиопи, Зафир Хаџиманов со синот Васил и Есма Реџепова. Наградите ги доделуваа манекенките Весна Додевска и Наталија Грубовиќ, актерите Петар Арсовски и Кирил Поп Христов, новинарката Мирка Велиновска и Васко Тодоров од "К-15".
Соња Алексоска - Неделковска