А1 / 17.02.2005
Нашата најголема ѕвезда Тоше Проески на генералната проба за Златна бубамара на популарноста во универзална сала се сопна на кабел и ја повреди ногата. „Нормално е да се има кабли на сцена, но и нормално е да се гледаат, а јас не го видов. Многу луѓе испаничија тогаш, докторите се покажаа многу спремни и фала му на Господ сум во ред“, вели Тоше. Тоше го затекнавме во домашен амбиент каде со далечинскиот управувач во рака реши да им се посвети на македонските канали, рече дека ќе ги послуша докторите и дека ќе ги откажи предвидените обврски за наредните 2 недели. Откажани се евровизискиот избор и Идол на А1.
Дневник / 18.02.2005
Тоше Проески завчера ја повреди десната нога на генералната проба за манифестацијата "Златна бубамара на популарноста", во Универзалната сала. Тој се лизнал на еден од каблите на сцената и истегнал лигамент. Веднаш бил однесен во Ургентниот центар во Скопје, каде што десната нога му била ставена во лонгета. - Се чувствувам добро и се надевам дека за седум дена ќе ми ја извадат лонгетата - вели Тоше. Дотогаш ќе мирува и ќе се воздржи од јавни настапи и од присуство на музички манифестации. За него се грижат неговата девојка Снешка и менаџерката Љиљана, чии потписи можат да се видат и на лонгетата. (Д.Ј)
Тоше Проески „заработи“ гипсена лонгета
Време / 18.02.2005
НАМЕСТО НА „БУБАМАРА“, НА ДОМАШНА НЕГА Тоше Проески завчеравечер сериозно ја повредил десната нога на генералната проба на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ и е на интензивна домашна нега, која ќе продолжи најмалку уште две недели. За време на пробата со бендот „Блу фанки индивидуалс“, поп-пејачот се сопнал од каблите поставени на сцената во Универзална, при што ги истегнал лигаментите на ногата. Веднаш бил однесен во скопскиот Ургентен центар, по што „заработил“ гипсена лонгета. - Тоше се чувствува добро, но не смее да стане од кревет барем уште две недели. На 20 февруари требаше да патува во Загреб за да го сними дуетот со Тони Цетински, но по ненадејниот мал инцидент, сите закажани термини ќе се одложат - ни изјави неговата менаџерка Љиљана Петровиќ. <> Ѓ. С.