Време / 04.12.2004
ТОШЕ ПОДАРИ МУЗИКА ЗА ЖИВОТ
Богатството е во душата, сфативме уште од старт кога Проески ги стави под закрила децата од Центарот за оштетен вид и се разлеа звукот на „Овој свет“, новата химна на УНИЦЕФ. Музичко парче сосема очекувано изнуди максимална емотивна напнатост, проследена со солзи и со бакнежи, наменети токму за оние што таа ноќ ја почувствуваа топлината од нас обичните. По којзнае кој пат несебично подарувајќи музика за живот, Тоше Проески даде максимум. Вокално повторно се надмина себеси и уште еднаш покажа хуманост за сите нив. По неколку отпеани хитовски рефрени, македонската поп-икона почна да ги најавува гостите. Прва подари љубов Леонтина Вукомановиќ. Со Тоше ја отпеа „Чија си“, а потоа нејзиниот најголем хит „Црно па се не види“. Следуваше поранешната авангардна вокалистка на „Видеосекс“, овојпат скротена во прегратките на нашиот Проески. По „Крајње време“, Ања Рупел отпеа две песни од нејзиниот нов албум „Све“. Шоуто допрва следуваше. Хрватскиот пејач Тони Цетински покажа неверојатен темперамент и предиспозиции на вистински церемонијал-мајстор. Истовремено и сентиментален и див, со нашиот Тошка ни понудија неколку балади, меѓу кои и легендарната „Морски вук“. Етномузичарите беа оставени за крај. Со традиционалниот ромски мелос на Есма, во неколкуилјадната публика се „родија“ ороводци и стомачни танчарки. Малку пософистицирано и полежерно, во тој контекст продолжија да се редат звуците од инструменталниот колектив „Синтезис“. А, да. Во целата музичка приказна неблагодарно е да се изостават оркестарот на Зоран Џорлев и групата „Блу фанки индивидуалс“. Професионално и хумано. Впрочем, токму затоа и се собравме. Да помогнеме! Ѓ. С.